Попоски во Стразбур по повод 20 години од пристапувањето на РМ во Советот на Европа
Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска престојуваше во работна посета на Советот на Европа, најстарата европска организација со седиште во Стразбур, по повод јубилејот 20 години од пристапувањето на Република Македонија кон Советот на Европа.
Како што соопшти МНР, во рамките на посетата, министерот Попоски се сретна со генералниот секретар на Советот, Торбјорн Јагланд при што ја истакна определбата на Република Македонија за доследна примена на Европската конвенција за човекови права како и на сите европски стандарди во поглед на човековите права, демократијата и владеењето на правото во Република Македонија.
На средбата беше искажано задоволство од придонесот на Организацијата во изминатите дваесет години во демократскиот развој на земјата, како и од континуираната соработка на овој план.
Од своја страна, генералниот секретар се заблагодари за придонесот на Република Македонија не само во примената, туку и во подготовката на новите стандарди и инструменти за заштита и унапредување на човековите права на Европскиот континент. Генералниот секретар покажа интерес и за тековните политички состојби во земјата, како и за ситуацијата со бегалците и мигрантите.
На средбата со претседателот на Европскиот суд за човекови права судијата Гвидо Раимонди, соговорниците го истакнаа примарното место и улогата на Судот во европската архитектура за заштита на човековите права. Министерот Попоски ја реафирмира поддршката на реформата на Судот и заложбата за целосна имплементација на неговите пресуди од страна на Република Македонија.
Во рамките на посетата, министерот Попоски учествуваше и на свечениот прием организиран по повод значајниот јубилеј. Во своето обраќање министерот Попоски истакна дека Република Македонија ја одбележува годишнината со решеност да биде активен учесник во креирањето на новите и унапредувањето на постоечките стандарди во областа на демократијата, човековите права и владеењето на правото, што е од особена важност во контекст на пристапувањето на Република Македонија кон Европската Унија.
Ново на Сител
-
Грчката фрегата соборила беспилотно летало во Црвеното море во рамките на операцијата „Аспидес“
-
Александар Ѓорчевски со нова жалба пред Врховен
-
Почина Велибор Џаровски - Џаро
-
Приведен тетовец баран со потерница
-
Ограбено тетовско казино, уапсени две лица
-
Судот на БИХ одреди притвор за три лица уапсени под сомнение дека соработувале со картел кој шверцувал дрога од Латинска Америка во Европа
-
ОН: Речиси 282 милиони луѓе ширум светот се соочиле со акутен глад во 2023 година
-
Папата Франциск за конфликтите во Украина и Газа: Договорен мир е подобар од бескрајна војна