Македонија
26. April 2017 - 16:40

Попоски: Решението не треба да го носи некој однадвор

Од центарот на Европската унија, македонскиот шеф на дипломатијата испрати и порака во однос на некои странски притисоци за тоа дали и кога треба д аима нови парламентарни избори со цел разрешница на политичката криза во Македонија.

- Не мислам дека решението за тоа дали ќе има избори и кога тие ќе се случат дека треба да го носи некој надвор од Република Македонија. Тоа е решение што треба да го донесеме во Република Македонија и единствениот начин на кој можеме да се договориме околу тоа е низ демократските институции. Со други зборови, Собранието на Република Македонија одлучува, граѓаните на Република Македонија имаат право да дадат мандат за таква одлука - порача министерот Попоски од Брисел.

Во законодавниот дом на Европската унија, шефот на македонската дипломатија се сретна со европратениците Дубравка Шуица, која е потпретседател на Комитетот за ндворешни работи на ЕП, со Кнут Флекештајн, Маријана Петир, Едвард Кукан и многу други пратеници во Европарламентот. Според него, во делот на тоа што се очекува како помош од Европскиот парламент, неговата порака до нив била едноставна. Пораката, пак од Европарламентот била дека се очекува да се даде поддршка за една повидлива иднина во делот на започнување на процесот на преговори со Република Македонија.

- Мислам дека во овој дел, надминување на политичката криза мора да произлезе од дијалог низ демократски процес во Република Македонија, но мора и да биде придружено со една јасна визија за тоа дека нашата иднина и членство во Европската унија ќе се случат недвосмислено во догледно време. Без таква порака, мислам дека и надминувањето на политичката криза ќе биде многу покомплицирано - посочува министерот за надворешни работи на Република Македонија.

Никола Попоски, денеска учествуваше и на меѓународната конференција „Недовршена правда: Реституција и сеќавање“ посветена на страдањата и погромот врз Евреите за време на Втората светска војна што се одржа во Европскиот парламент во Брисел. Притоа, министерот ипрати порака дека Македонија е пример како една држава може да направи добро досие во делот на сеќавањето, на реституцијата на имотите и во делот на образованието поврзано со Холокаустот и со тажната судбина на Евреите.

- Македонија е веројатно еден од најдобрите примери и во регионален и во европски контекст на земја што во целост се има погрижено и за делот на враќање на имотите на погубените Евреи во Холокастот, но исто така и за одржување на меморијата, на сеќавањето и одржување на врската, т.е. потсетување на тоа мрачно минато за никогаш да не ни се повтори во иднина. Македонија во тој дел има изградено и еден од четирите меморијални центри на Холокаустот во светот, што допринесува за давање на еден позитивен пример за тоа како земјите може да се соочуваат и како можат да направат едно добро досие во делот на сеќавањето, во делот на реституцијата на имотите и во делот на образованието поврзано со Холокаустот и со тажната судбина на Евреите во Македонија - истакна Никола Попоски.