Македонија
22. May 2017 - 16:49

Попоски: Промените на границите на балканот не се патот напред

Нестабилноста на Балканот не може да се реши со промена на границите, изјави шефот на македонската дипломатија Никола Попоски во интервју за Независната балканска новинска агенција. Прашан дали постои стравување од албанскиот империјализам, односно Голема Албанија, Попоски вели:

-Мислам дека тоа не е патот кој носи напредок зашто сум убеден дека промената на границите на Балканот, гледано според таквите обиди во минатото, ни донела само лоши работи, невини жртви и ужасни последици. Сметам дека единствениот пат напред е земјите во рамки на постојните граници да се приклучат кон ЕУ и да се намалат тензиите преку фокусирање на реални нешта: работни места и економски развој. Убеден сум во тоа, вели Попоски.

Тој зборува и за политичката криза, и потребата од одржување на парламентарни со локалните избори, бидејќи според него, СДСМ не победи на избори, а владеачка коалиција формира во Собранието.

-Во рамки на внатрешната политика ќе се работи кон локални избори и тоа ќе биде време кога ќе може да провериме што мисли јавноста за различните погледи и различните стратегии на противниците. Перцепцијата на ВМРО-ДПМНЕ е дека ние сме на страна на заштитување на демократските принципи и избегнување промени на истите без оглед на ситуацијата, вели Попоски.

За односите со Грција тој смета дека тие се значително подобрени. Мислењата во однос на мерките за градење доверба се поклопуваат во двете земји, посебно за економијата. Многу е подобро да имаме таков однос наместо да бидеме на различни страни за сите проблеми што можат да се појават. Сепак, Попоски смета дека сме далеку од решавање на спорот за името. Тој упати порака до Грците да не гледаат закана во Македонија, бидејќи имаме исти долгорочни цели.

-Товарот што е наметнат во минатото поради кој, да речеме, разликите околу спорот со името ги дефинираат нашите билатерални односи, треба да се отстрани. Бидејќи Грција е дел од НАТО, дел од ЕУ, не може да постои закана за нејзиниот територијален интегритет или суверенитетот, но сметам дека е и во грчки интерес, да се почитуваат истите принципи кога станува збор за соседна држава. Право да решаваме за нашата држава и нашиот идентитет не може и не треба да ни се негира ако сме согласни дека сакаме да живееме во демократски општества, вели Попоски и додава дека кога и двете земји ќе бидеме членки на НАТО и ЕУ ништо од ова нема да биде важно.