Македонија
7. December 2015 - 16:21

Попоски на средба со Хан во Брисел

Македонија не очекува одлука за почеток на преговорите за членство во Европската унија на претстојниот Самит на Европскиот совет. Ова е заклучокот од денешниот работен појадок што министерот за надворешни рабтои Никола Попоски го имаше со амбасадорите на земјите-членки на Унијата во Брисел.

Според Попоски, Европската комисија веќе даде препорака дека е потребно да започнат преговорите, но дека има определен број на условувања што се поврзани со реформите што ќе бидат приоритет и на земјите-членки на ЕУ.

- Не е за очекување дека Европскиот совет ќе носи одлуки во однос на почеток на преговорите, но сосема е реално дека онака како што досега ги сроведовме, вклучително и оние прашања што креваа повеќе прашања за одржливост и кај самите земји-членки дали ќе бидат реализирани, а ние успеавме во тоа, да охрабрат поголема група на земји-членки да не се одложува континуирано ова прашање, посебно со оглед на фактот дека после април тие би требало да излезат со конкретен извештај - вели Никола Попоски.

Тема на денешните разговори била и бегалската криза, со која, според македонскиот шеф на дипломатијата, Македонија успешно се справува:

- Република Македонија во целост ги применува правилата што се очекуваат и од ЕУ, со хуман и безбеден проток на мигранти низ европскиот безбедносен коридор што го имаме воспоставено на нашата територија. Предизвикот со т.н. економски мигранти, за кои имаше потешкотии и самата Грција да го спроведе, што потоа беше пренесено на наша територија, би требало да биде намален, односно тензиите да бидат намалени со упатувањето на Фронтекс на грчка територија и со помошта што ја очекуваме од змејите-членки во соочување со овој хуман и безбедносен предизвик - заклучува Попоски.

Доцна вечерва, шефот на македонската дипломатија ќе се сретне и со еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан, со кого освен реформите во Македонија, главна тема ќе биде и бегалската криза.