Македонија
23. March 2017 - 16:33

Попоски на состанокот организиран од Тилерсон: Потребни нови мерки за справување со тероризмот

Терористичкиот напад во Лондон додека во Вашингтон се одржува Самит на антитерористичката коалиција, само ја потврди потребата од нови мерки за целосно уништување на Исламската држава и по воената победа во Ирак и Сирија.

Шефовите на дипломатиите од земјите членки на коалицијата, меѓу кои и министер за надворешни работи Никола Попоски, најавија нови чекори за неутрализирање на разбиените членови на исламистичката група, за кои се стравува дека ќе се обидат да се префрлат во некоја од западните земји со цел да извршат терористички акции.

 ,,Првин треба да продолжиме со контра-терористичките операции и полициските операции. Сите ние имаме мрежи на ИСИС во нашите држави и ќе биде потребна голема полициска акција да се запре нејзиниот раст. ИСИС е поврзан на секој континент и мораме да ги уништиме сите алки во нејзиниот синџир. Интерпол е најновиот член на нашата коалиција и ќе биде клучен за затворање на сите закани за патување и по безбедноста на нашите земји. Второ, потребно ни е поголема размена на разузнавачки информации внатре помеѓу агенциите во државите и помеѓу земји членки на коалицијата’’, изјави Тилерсон.

Попоски кој ја имаше и првата средба со новиот шеф на американската дипломатија, по состанокот изјави дека воената победа е полесниот дел од задачата, а потешкиот е враќање на нормалниот живот во воените подрачја.

,,Но, главниот предизвик и за нас како Македонија, за земјите од регионот и сите земји членки на оваа коалиција е процесот на дерадикализација што треба да се одвива во следниот период. Борба против онаа појава на странски борци, граѓани од нашите држави кои ги имаат облечено униформите на Исламската држава и војуваат или мобилизираат други луѓе да војуваат таму на начин како што се случуваше во изминатите години. Ова е долгорочниот предизвик и од ова ќе зависи најмногу успехот и на американската интервенција и на целата коалиција мобилизирана против оваа закана за нашата цивилизација’’, изјави Попоски.

Коалицијата против ИСИС е формирана во 2014-та година и брои 68 држави членки.