Македонија
21. July 2016 - 16:59

Попоски: Без спроведување на договореното и датум за избори извештајот на ЕК ќе биде многу негативен

Договорот на партиите за излез од политичката криза е добар сигнал. Сега ќе треба договоренотот да се спроведе и да се зголеми видливоста за датумот за одржување на изборите, е првичната реакција на шефот на македонската дипломатија и вицепремиер Никола Попоски.

,,Од друга страна треба да бидеме свесни дека немаме проблем со луѓе кои имаат проблем да се договорат. Проблемот е повеќе да го одржат тоа околу што се договориле. Така што, веројатно добриот сигнал за постигнат договор и предвидливост околу изборите ќе треба да го потврдиме во следниот период со тоа што сите оние што се обврзаа ќе треба да го направат тоа што го ветиле и да прекинеме со нанесувањето на штета на државата преку поголема неизвесност во долг временски период’’, изјави Попоски.

Договорот позитивно ќе влијае и на нарушениот имиџ на Македонија во Европската Унија. Но, Попоски предупредува дека самиот договор не е доволен за препорака за почеток на преговорите во следниот извештај на Европската Комисија.

,,Позитивен сигнал е во однос на ЕУ бидејќи очекуваме извештај за напредокот во октомври и без предвидливост, односно без договор за избори, веројатно тој извештај ќе биде многу понегативен’’, изјави Попоски.

Постигнатиот договор го поздрави и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.

,,Добри вести од поранешната Југословенска Република Македонија. Политичките партии постигнаа договор за отворените прашања во разговорите за договорот од Пржино. Важен чекор кон завршување на политичката криза. Сега треба да се задржи моментумот. Целосно имплементирање на реформите е клучно за одржлив напредок’’, напиша Хан на твитер.

Со порака се јави и амбасадорот на САД Џес Бејли кој беше посредник во преговорите.

,,Честитки до Македонија за договорот на 20-ти јули – Можност за демократијата’’, објави Бејли на Твитер.