Македонија
5. April 2017 - 17:15

Попоски: Без отпочнување на преговорите за членство на Македонија во ЕУ, многу тешко ќе се реши и тековната внатрешна криза

Нарушената кредибилност на Европската Унија во однос на макеоднските евро-интеграции е една од причините и за внатрешната политичка криза. На состанокот на Мешовитиот парламентарен комитет Македонија-Европска Унија, што денеска се одржа во Стразбур, е заклучено дека без преминување во следната фаза од пристапниот процес, тешко ќе се реши и политичката криза во Македонија.

-Денешната дискусија во ЕП, поврзана со извештајот за Република Макеоднија, како и средбите со парламентарниот комитет за соработка помеѓу ЕП и Собранието на РМ, најмногу се посвети на враѓање на европската перспектива. Голем дел од причините за длабоката политичка криза се сигурно поврзани со недостатокот на јасна перспектива за европските интеграции на земјата. Со сигурност и решенијата кои треба да ги бараме и наоѓаме во следниот период лежат во враќање на кредибилноста и отпочнување на преговорите за идно членство на Р.М. во ЕУ. Без тоа многу тешко може да се надминат и тековните внатрешно-политички предизвици, изјави Попоски во Стразбур.

Со претседаваше словенечкиот европратеник Алојз Петерле, во присуство на известителот за Македонија во Европскиот парламент, Иво Вајгл, и претставник од Европската комисија.

Инаку, Европскиот Парламент минатиот месец го одложи гласањето за резолуцијата во однос на извештајот за напредокот на Македонија на Европската комисија за 2016-та година.

Дали европарламентарците ќе гласаат по исиот овој месец ќе зависи од развојот на политичката криза во земјава.

Во претходно усвоената резолуција за Макеоднија по прогрес извештајот на комисијата на АФЕТ-групата на Европарламентот, Македонија доби осма последователна препорака за отворање на преговорите за членство во Унија, но условена со целосно исполнување на договорот од Пржино и на итните реформски приоритети на Европската комисија.