Македонија
22. March 2016 - 10:30

Полскиот роман „Темно, речиси ноќ“ преведен на македонски

„Македоника литера“ го објави романот „Темно, речиси ноќ“ на полската писателка Јоана Батор, кој во 2013 година е награден со најпрестижната книжевна награда во Полска – НИКЕ.

Како и во претходниот роман на Батор „Песочна Пла­нина“, и овде авторката раскажува за својот роден град Валбжих, а неизбежен поврзувачки елемент меѓу судби­на­та на главните ликови и овој град е замокот Ксјонж и последната дама во овој замок, принцезата Дејзи.

- „Темно, речиси ноќ“ е роман исполнет со мрачни делови, но исполнет и со магија – во  него се појавуваат два сосема спротивни магични ентитета, мачкарките како чувари од злото и мачкојадите како уништувачи на доброто. Овој роман е роман за злото, но и за доброто, за темнината и светлината, за постојаната борба меѓу нив, соопшти издавачот. 

Јоана Батор (1968) е писателка, новинарка и фељ­тонистка. Во Варшава завршила културолошки студии и филозофија, а докторирала на тема за феминизмот, постмодернизмот и психоанализата. Предавала филозофија на неколку универ­зи­тети (Варшава, Њујорк, Лондон, Токио). Автор е на не­кол­ку научни публикации, а од 2009 година поинтензивно ѝ се посветува на литературата. Живее во Варшава. Други позна­чај­ни дела на Јоана Батор се: „Песочна Планина“, „Јапонско ладало“,и „Ајкулата од паркот Јојоги“. Нејзините дела се преведени на повеќе јазици.

И „Темно, речиси ноќ“ е пре­ве­ден на неколку јазици, а ова е второ дело на авторката објавено на македонски јазик – по романот „Песочна Планина“, и двете во превод на Анета Сапета.