Бизнис
31. May 2016 - 19:39

Политичката криза негативно влијае врз економијата, најмногу врз странските инвестиции

Политичката криза удри на економијата, а најмногу на странските директни инвестиции. Според податоците на НБРМ, во првиот квартал од оваа година имало за околу пет милиони евра помалку инвестиции споредено со истиот период лани. Од почетокот на оваа година досега објавени се 17 инвестиции кои се во различна фаза на реализација, но резултатите ќе беа уште подобри ако кризата не постоеше. Ова во своето мегаинтервју за Телеграф го потврди и лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски кој вели дека иако има солидни резултати во вакви услови, тие ќе беа подобри ако ако не беше кризата.

„Лани дури и во услови на политичка криза имавме 30 странски инвестиции. Но некои компании се откажаа или го пролонгираа доаѓањето, пролонгираа посети за преговори во екот на кризата, некои ја пролонгираа одлуката за инвестирање, а некои отидоа во други држави“, рече Груевски.

Министерот за економија вели дека најважно е итното решавање на политичката криза која треба да послужи како лекција за во иднина.  Според него, политичката стабилност не само што ќе привлече нови инвестиции туку ќе ги забрза и постојните да ги прошират своите деловни активности.

Како резултат на кризата, се очекува забавување на економскиот раст во земјава. НБРМ има две сценарија за до крајот на годината. Според оптимистичкото, крајот на кризата ќе донесе раст од околу 3,5%, но пролонгирањето ќе значи раст од само 1,6%.