Македонија
23. January 2018 - 8:42

Политичката и бизнис елита денеска во Давос - почнува Светскиот економски форум во Давос

Светскиот економски форум во Давос (Швајцарија), кој почнува денеска, а ќе трае до 26 јануари, и оваа година ќе ги собере на едно место светските лидери, политичката и економска елита, а првпат по речиси две децении, ќе присуствува и американскиот претседател Доналд Трамп.

Форумот, кој ги привлекува најистакнатите претставници на финансиските кругови, е можност за светските лидери да воспостават комуникации со бизнис-елитата и досега се соопштува бројка од 350 политички лидери, стотици директори на компании и претставници на граѓанското општество.

Во швајцарскиот град ќе се соберат експерти од областа на политиката, економијата, медиумите, а организаторите порачуваат дека светот драстично се променил во изминатите години. Во поканата се наведува дека на повеќе фронтови се појавиле геостратешки поделби и оти тие може да предизвикаат далекосежни политички, економски и општествени последици.

Покрај темите од голобалната економска политика, на маргините на Светскиот економски форум во Давос се одржуваат и многу средби, од кои за македонската јавност најважен е најавениот состанок меѓу македонскиот премиер Зоран Заев и неговиот грчки колега, Алексис Ципрас. Имено, пред неколку недели од Владата информираа дека премиерот Заев со владина делегација ќе учествува на Светскиот економски форум, а според регионалните медиуми, во периодот од денеска до 26 таму ќе биде и грчкиот премиер Алексис Ципрас. Грчките медиуми пред некое време пренесоа дека Ципрас има намера во Швајцарија да се сретне со својот македонски колега на 24 јануари. Оваа средба е сè поизвесна со оглед на вчерашната изјава на грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕијас, кој изрази очекување дека разговорите во Давос ќе покажат во каква насока ќе се движат активностите во врска со спорот за името. Тој изјави дека е потребно дополнително да се разработат одредени прашања за да се зборува за конкретен временски рок за решение.

Настрана од грчко-македонскиот спор, кој е од централен интерес за домашните медиуми, главна вест е дека годинава во Давос ќе се појави и американскиот претседател Доналд Трамп. Од Белата куќа порачаа дека Трамп ќе ја искористи можноста во Давос да зборува за својата агенда „Америка, пред сè“ за која критичарите велат дека претставува повлекување од глобалното раководење засновано врз демократски принципи. Се очекува да дојдат и францускиот претседател Емануел Макрон, британската премиерка Тереза Меј и уште многу други европски и светски лидери.

Најпозната активност на Светскиот економски форум се средбите што ги организира, а тоа вообичаено се шест до осум средби годишно, кои се одржуваат на разни континенти. Сепак, најпознат е Самитот во Давос, на кој може да се учествува само со посебна покана.