Македонија
31. July 2016 - 16:32

Полицискиот тим од Чешка останува во Гевгелија до септември

Чешките полицајци остануваат на македонската јужна граница. Нивната мисија во државата ќе биде продолжена до 11 септември. Новиот тим од Чешка што ќе пристигне во Македонија ќе брои 40 полицајци. Освен во Македонија мисијата ќе биде продолжена и во Унгарија со 50 полициски службеници. Ваквата одлука ја донела чешката влада, а истата беше соопштена на твитер од страна на нивниот премиер кој информира дека овој чекор за продолжување на проактивен пристап за запирање на илегалната миграција е преземен на барање на двете земји Македонија и Унгарија.

Новата група чешки полицајци која ќе биде четврта по ред во Македонија треба да остане околу месец и половина. За  време на овој период тие во мешани патроли заедно со нивните македонски колеги ќе го контролираат просторот околу границата со Грција каде притисокот од страна на мигрантите за нелегален премин иако со намален интензитет и понатаму продолжува.

За активна заштита на границите се залага и чешкиот претседател Милош Земан. Според него поради опасност од тероризам, а како последно средство може да  се замисли и градење на ограда на границите на нивната земја.

,, Во случај на големи мигрантски бранови немам против да биде изградена ограда на границите. Тоа го направија многу земји, како Унгарија, Македонија, сега се подготвува и на границата на Австрија со Италија, изјави Земан денеска во интервју за порталот на чешкиот весник ,,Блеск".  
 

Според Земан, чешката граница може да биде заштитувана од војската, полицијата, но и со електронски уреди. Истовремено тој ја критикуваше политиката на ,,добредојде" за мигрантите на германската канцеларка Ангела Меркел.

Инаку Чешка не е единствената држава која испраќа свои полицајци на македонската јужна граница. Од почетокот на бегалската криза свои полициски сили во Македоија испратија Австрија, Србија, Хрватска и Словенија. Во моментов македонските полицајци во обезбедувањето на јужната граница  поддршка добиваат од околу 80  нивни колеги од странсто.