Свет
24. February 2017 - 18:05

Полицијата во Јужна Африка ги задушува масовните протести против имигрантите

Полицијата во Република Јужна Африка денеска употреби флеш гранати, гумени куршуми, солзавец  и водени орудија за да ги задушат антимигрантските протести во главниот град Преторија, пренесоа американските медиуми.

Претседателот Џејкоб Зума остро го осуди насилството против странците и повика на смирување на состојбата. 

Полицијата ги раздели демонстрантите од странците кои беа собрани да го изразат своето незадоволство од последните напади врз нив. Двете непријателски настроени групи, иако беа разделени, сепак, разменија навреди и се гаѓаа со  камења, што силно ја усложни задачата на силите на редот.

Дел од луѓето во групата на странците, исто така, носеа заштитни средства со образложение дека треба да ги штитат своите продавници во случај на погром и разграбување на трговски објекти, а им припаѓаа на нигериски и пакистански имигранти.

Во судирите во последните 24 часа се уапсени 136 лица. Засега не се информира за настрадани.

Негодувањето против дојденците од соседните африкански земји не е нешто ново во Република Јужна Африка и тоа често наоѓа свој израз во масовните протести и опасните погроми заради обвиненија дека странците ги земаат работните места на локалните луѓе во земјата, во која невработеноста надминува 25 проценти од работоспособното население.

Против странците се поднесуваат и обвиненија за трговија со наркотици и други кривични дела.