Свет
19. March 2016 - 16:30

Покренато официјално обвинение против Салах Абдеслам

Белгиското Федерално јавно обвинителство денеска покрена официјално обвинение против Салех Абдеслам за негова поврзаност со нападите во Париз во ноември минатата година, соопшти неговиот адвокат Свен Мери.

Мери најави и дека во оваа фаза од постапката ќе бара Абдеслам да не биде екстрадиран во Франција, иако францускиот претседател Франсоа Оланд уште синоќа најави дека Париз ќе бара од Белгија негова екстрадиција.    

Адвокатот додаде и дека за време на денешниот распит Абдеслам соработивал со белгиската полиција.

Абдеслам беше упасен вчера за време на акција на белгиската полиција во Брисел. При акцијата Абдеслам беше ранет во ногата, поради што ноќата ја мина в болница. Утрово тој беше отпуштен од болницата и беше префрлен на сослушување во полициска станица.

Заедно со Абдеслам вечера беа уапсени уште четири лица, сите членови на семејството во чии стан тој се криел.

Абдеслам е осомничен за давање логистичка поддршка на извршителите на ноемвриските напади во Париз.