Македонија
23. April 2016 - 10:06

Поетска вечер со словенечката писателка Станка Храстељ

Поетска вечер со словенечката писателка Станка Храстељ (1975 г.), прва од новите шест автори за годинава во рамки на книжевната резиденцијална програма за автори и преведувачи од Југоисточна Европа, ќе се одржи вечер во кафе книжарница Магор.

Воведна реч за поетесата ќе одржи д-р Владимир Мартиновски, а стиховите на македонски ќе ги кажува препејувачот на Храстељ, Дарко Спасов.

Музичка поддршка на настанот ќе даде групата Тркалезна маса, адхок бенд на неколку познати музичари.

Македонската јавност ќе може подобро да се запознае со една од најдобрите авторки од средната генерација, чија збирка поезија „Господине, имаме нешто за вас!“ беше издадена од македонскиот издавач „Кликер книги“ во 2012 година. Нејзиниот роман „Како на филм“ го преведува Дарко Спасов.

Станка Храстељ има неколку значајни словенечки награди. Во 2001 година беше прогласена за најдобар млад поет на Фестивалот Уршка. Во 2007 година ја доби наградата за најдобра дебитантска книга. Во 2009 година влезе во финалето за Книга на годината на Друштвото на писатели на Словенија, а нејзиниот дебитански роман „Како на филм“ ја освои наградата Роман на годината.

Освен со пишување, превод и критика, Станка Храстељ се занимава и со современ дизајн на керамика.

Во Скопје, Храстељ ќе работи на својот нов роман „Првата дама“, историска фикција инспирирана од библиската приказна за Кралот Давид и неговата сопруга Бетшеба. 

Книжевниот интерес на Храстељ се недоволно истражените аспекти на човечката психа и општествените табуа: болестите, самоубиствата, абортусот, старечката деменција. Таа смета дека книжевното отворање на овие теми ќе придонесе за подобро разбирање и прифаќање од општеството.

Стилот на пишување на Храстељ е необичен и модерен. Таа пишува кратки, фрагментарни поглавја, инспирирана од денешната модерна комуникациска технологија.

Резиденцијалната програма за книжевници е под мотото „Апсолутно модерен“, во организација на издавачката куќа Готен, а под покровителство на мрежата Традуки и град Скопје.