Македонија
15. July 2015 - 8:49

Поетска вечер со романската поетеса Дениса Дуран

Во Паркот на франкофонијата во Скопје ќе се одржи поетска вечер со поетесата и преведувачка Дениса Дуран од Романија, гостинка на книжевната резиденцијална програма за автори и преведувачи од Југоисточна Европа

Поетесата Дуран месецов престојува во Скопје како дел од активностите во рамки на резиденцијалната програма за книжевници под мотото „Апсолутно модерен“, во организација на издавачката куќа Готен, а под покровителство на Европската мрежа за книжевност и книги Традуки и Град Скопје.

Дениса Дуран е романска поетеса и преведувачка која живее и работи во Букурешт. Родена е во семејство на писатели во 1980 година. Дипломирала на Филолошкиот факултет во Букурешт, а магистрирала на тема за звуковната поезија. Има работено како новинар, уредник и преведувач за многу списанија. Од 2007 година работи во Романскиот културен институт во Букурешт, институција специјализирана за промоција на романската култура и организатор на многу манифестации и културни соработки.

Нејзината прва збирка поезија „Фуфи и механичкото“ се појави во 2003 година и ја освои наградата за најдобро дебитантско дело на Друштвото на писатели на Романија. Нејзината втора збирка песни „Луѓе за една употреба“  излезе двојазично, на романски и англиски. Во 2012 година ја објави третата збирка поезија „Се уште сум млада“. Нејзината последна книга песни „Ми се спие но ти правам друштво“ се појави во 2014 година со илустрации од уметничката Флореа Тутујану.

За поезијата на Дениса Дуран има преку дваесет критики, а нејзиното творештво било вклучено во пет студии на современата романска литература. Таа има учествувано на многу фестивали и претставувања на романската поезија во странство. Песните и се вклучени во неколку антологии. Дениса Дуран минатата година на романски го преведе Никола Маџиров при што неговите песни излегоа во неколку романски списанија.