Балкан
11. January 2017 - 8:33

Подгорица: Демаркацијата на границата е внатрешен проблем на Косово

Шефот на црногорската дипломатија Срѓан Дармаровиќ во Тирана изјави дека неговата земја има добри односи со Приштина и оти демаркацијата на границата меѓу двете земји е „внатрешен проблем на Косово“.

- Црна Гора има многу добри односи со Косово. Прашањето за демаркацијата на границата за нас не е проблем. Тоа е прашање кое се однесува и треба да го решат политичките сили во Косово. Тоа е нивен внатрешен проблем, изјави Дармаровќ на заедниката прес-конференција со неговиот домаќин, шефот на албанската дипломатија Дитмир Бушати.

Како што јави дописникот на МИА, Дармановиќ ја потврди решеноста на неговата Влада за продолжување на интензивирањето на билатералната соработка со Албанија и за влез во ЕУ и НАТО.

Според него, членството во НАТО е од исклучително значење за стабилноста на регионот, додавајќи дека очекува Црна Гора оваа година да стане полноправна членка на Алијансата.

Бушати од своја страна изјави дека со Дармановиќ разговарале и за можноста за отворање нови гранични премини, пред се во областите каде што има инвестиции.

- Разговаравме и за интеграцијата во НАТО, процес во кој Албанија дава поддршка, бидејќи го смета за значаен кога станува збор за безбедноста и инвестициите во регионот. На мојот колега му реков дека Црна Гора бележи напредок во процесот на евроинтеграција, изјави Бушати.

Околу апсењето на поранешниот косовски премиер и лидер на Алијасата за иднината на Косово, Рамуш Харадиај, Бушати, рече дека Тирана е во постојан контакт во косовските и француските власти, како и со ЕУ.

Тој ја прокоментира и изјавата на неговиот српски колега Ивица Дачиќ, дека албанската дијаспора се подготвува да заземе српски дипломатско-конзуларни претставништва за да го принуди Белград да се откаже од гонењето на Рамуш Харадинај, нарекувајќи ја непродуктивна.

Бушати и Дармановиќ размениле мислења и околу унапредувањето на билатералните односи и за геополитичките предизвици со кои во последниве години се соочуваат земјите во регионот и во Европа. На срдбата станало збор и за прекуграничната соработка, особено на проектите за модернизација на граничните премини.