Македонија
18. January 2018 - 16:27

Поделени реакции по одлуката на претседателот Иванов да не го потпише Законот за јазици

Суспензивното вето на Претседателот Иванов не ги изненади ниту власта ниту опозицијата. Очекувани реакции од двете страни по информацијата дека законот за јазиците според шефот на државата е спротивен на Уставот.
Опозицијата денеска го поздрави чекорот на Претседателот но остана без конкретен одговор дали пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе дојдат во Собранието за да поднесат амандмани.

Според власта залудни се сите обиди на Претседателот да издејствува измени во законот за јазиците. Мнозинството и денеска порача дека законското решение повторно ќе биде изгласано без да биде сменета ниту една буква.

Ветото на Претседателот ќе го врати законот за јазиците во Собранието на трето читање. Согласно забелешките кои ги стави шефот на државата, пратениците ќе имаат право да поднесуваат амандмани и да бараат измени на законот.

Бидејќи целата постапка одеше со европско знаменце дебатата по ова законско решение е ограничена, со што се отвора можноста исто како и пред второто читање, претседателот на Комисијата за европски прашања Артан Груби да ја блокира дебатата и да не дозволи да помине ниту еден амандман.

Во таква ситуација, противниците на овој закон најавуваат претставка пред Уставниот суд од кого очекуваат да го укине ова законско решение.