Македонија
6. October 2017 - 8:42

Почнува второто издание на фестивалот на дебитантски филм „Киненова“

Со филмот „Мажите не плачат“ на босанскиот режисер Ален Дрљевиќ, вечер во 20 часот во кино „Милениум“ ќе биде отворен вториот фестивал „Киненова“ кој промовира дебитантски филмови.

Претходно скопска премиера ќе има и краткиот филм „Крајот на времето“ на Милчо Манчевски, а организаторите ќе му доделат Специјално признание на актерот Жарко Лаушевиќ кој е специјален гостин на „Киненова“. 

Покрај Лаушевиќ, на „Киненова“ ќе биде присутно уште едно познато име на југословенскиот филм - Горан Марковиќ кој ќе претседава со жирито, а ќе одржи и мастерклас. 

Во шесте фестивалски денови, до 11 октомври, ќе бидат прикажани десет филмови кои се прв или втор долгометражен филм на режисерот, во селекција на Марина Костова. Фестивалот како и минатата година ќе додели награди за најдобар филм, режија, сценарио и за најдобар филм според публиката, а ќе се натпреваруваат вкупно десет филмови од девет земји (Израел, Канада, Коста Рика, Романија, Венецуела, Холандија, Америка, Босна и Шпанија).

- Имаме 10 одлични филмови од 10 нови авторски гласови кои допрва ќе се слушаат. Сосем случајно испадна темата пострауматско искуство да биде нишка која на некој начин ги поврзува сите филмови во конкуренцијата за награди, што, пак, е сосем соодветно на нашава актуелна стварност, истакна Костова на прес-конференција по повод фестивалот. 

Покрај долгометражните, официјалната селекција ќе понуди и кусометражни филмови, во кои спаѓаат професионални и студентски филмови од цел свет. Дополнителни, ревијални програми на фестивалот се: Панорама на светската незавизна филмска продукција; Кино Балкан; Фокус на; Македонски кратки и еден новитет програмата 0% Цензурирано, за која организаторите најавуваат дека ќе биде голема провокација за гледачите.

Проекциите ќе бидат во кината Синеплекс и Милениум, Кино Култура и Кинотека на Македонија. Билетите се по цена од 100 и 150 денари.