Балкан
21. July 2016 - 11:47

Почнува судскиот процес против турските офицери кои избегаа во Грција

Во грчкиот град Александруполис денеска почнува судењето на осуммината турски офицери кои со хеликоптер избегаа од Турција за време на обидот за државен удар и побараа политички азил во Грција, јави дописникот на МИА од Атина.

Тие се обвинети за илегално влегување во земјата. Против седум е подигнато и обвинение за морално поттикнување на нелегален лет, а пилотот на хеликоптерот, кој го слета леталото на аеродромот во Александруполис, е обвинет за извршување на незаконски лет.

Од безбедносни причини осуммината турски офицери вчера биле преместени во друг полициски притвор, а денеска тие се во судот.

Турските офицери, меѓу кои има мајори, капетани и наредници, стравуваат за своите животи во нивната земја, велат нивните адвокати, особено по најавите на турски владини претставници дека смртната казна може да се врати за оние кои се прогласени за виновни за велепредавство.

Турскиот амбасадор во Атина, Керим Урас, повика да се екстрадираат турските офицери, истакнувајќи дека доколку тие не бидат вратени, тоа ќе им наштети на билатералните односи меѓу Атина и Анкара.

- Враќањето на офицерите во Турција ќе биде позитивно за билатералните односи. Ако не, тоа нема никому да помогне, изјави тој, додавајќи дека „уште на самиот почеток било грешка што овие луѓе биле прифатени“.

- Што би помислиле кога би имало сличен удар во Грција ... и Турција засолни осум од вашите воени офицери? Мислам дека не е потребно да се каже, не би биле многу среќни, рече Урас.

Грчкиот премиер Алексис Ципрас избегнуваше јавни изјави за ова прашање.

По разговорите со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган и премиерот Бинали Јилдирим, веднаш по обидот за државен удар, Ципрас рече дека грчките власти ќе ги испитаат барањата за азил од осуммината турски офицери, но со целосно почитување на меѓународните закони и договорите за човекови права.

Грчката Влада покажа неутрален став во однос на судството, во пресрет на денешното судење на турските офицери и во однос на грчката служба за азил која ќе ги разгледа нивните барања.