Бизнис
17. July 2017 - 8:15

Почнува собраниската расправа за ребалансот на Буџетот

Во Собранието на Република Македонија денеска почнува расправата по Предлогот за измени и дополнување на Буџетот на Република Македонија за 2017 година.

Ребалансот на Буџетот предложен од Владата е на дневен ред на собраниската Комисија за финансирање и буџет.

Со него се предвидува дефицитот да остане 2,9 отсто од БДП, а растот да изнесува 2,2 проценти наместо првично предвидените 3 отсто од претходната влада и проектираните 2,8 од Светска банка, односно 2,7 отсто од НБРМ.

Скратени се сите непродуктивни трошења на Владата и на сите нејзини институции како што се службени патувања, презентации, економски промоции и рекламирање со што е направена заштеда на финансиски средства. Од Владата посочуваат дека обезбедени се средства за укинување на радиодифузната такса, за субвенционирање на минималната плата која од 1 септември треба да изнесува 12.000 денари, како за трајно решавање на проблемот со стечајните работници.

Предвидено е кратење на расходите од речиси три милијарди денари и на капиталните инвестиции за исто толку, но, како што појасни премиерот Зоран Заев, ќе се реализираат сите веќе започнати инфраструктурни проекти, а ќе се додадат и некои нови. 

Вкупните приходи се проектирани на 184,7 милијарди денари, расходите на 203,3 милијарди денари, а буџетскиот дефицит на 18,6 милиајрди денари или 2,9 отсто од БДП.

Предвидено е со девет милиони евра да се дополнат сите активни политики и мерки за поддршка на нови вработувања, пред се за младите луѓе и за проектот „Гаранција за младите луѓе“ кој, како дел од Програмата на новата Влада, предвидува на секој млад човек, државата да му понуди вработување или дошколување, практика и тренинг за да биде конкурентен на пазарот на трудот и да сака да остане да работи во својата земја.

Со околу 135 милиони денари ќе се обезбеди поддршка на малите и средните претпријатија, како и на домашни гринфилд инвестиции, а 500 милиони денари се наменети за поддршка во привлекување на донации од ИПА програмата за интензивирање на активности поддржани од Европската унија во предпристапниот период. 

Ребалансот на буџетот е на дневен ред и на собраниската Законодавно-правна комисија. 

Покрај комисиите за финансирање и буџет и Законодавно-правната комисија денеска во Собранието седница ќе одржи и Комисијата за труд и социјална политика која ќе расправа по предлог измените на Законот за исплата на платите.