Бизнис
3. November 2016 - 12:11

Почнува производството на американски „Леар“ во ТИРЗ Тетово

Американската компанија „Леар“ денеска во Тетово го отвора својот прв производствен капацитет во Македонија. Првично, оваа компанија почна со работа на  браунфилд локација во Гостивар преку вработување на 300 лица со вештини за кроење и шиење кожа и ткаенина за производство на автомобилски навлаки за седишта. Планираната инвестиција на корпорацијата во Македонија е над 15 милиони евра, а планираните вработувања од 1.500 до 2.000 лица.

Фабриката лоцирана во ТИРЗ Тетово се простира на 12.000 метри квадратни. Располага со современи машини. До 2018 година се планирани бројот вработувања до 2.000 лица, но бројката може да достигне и до 3.000 преку планирана експанзија од дополнителни 8.000 метри квадратни.

- Отворањето на оваа фабрика е нова историја за Тетово и регионот за чија важност се боревме со неколку земји од регионот. Динамиката на работа и задоволството на фирмата од локалниот кадар ни дава голем оптимизам за достигнување на планираниот капацитет од 2.500-3.000 вработувања. Со оваа фабрика, како кабинет, заокружуваме реализација на инвестиции каде моментално работат над 11.000 вработени и претставуваат раст на БДП од 300 милиони евра годишно, вели министерот за странски инвестиции Веле Самак.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на својот Фејсбук профил денеска ја поздрави одлуката на американската компанија „Леар“ која отвара фабрика во Технолошко-индустриската развојна зона во Тетово.

- Одлична вест за Тетово и целиот полошки регион и добра вест за целокупната македонска економија. Денес се означува и официјалниот почеток со работа на американската компанија за автомобилски делови „Леар“ која инвестираше во Технолошко-индустриската развојна зона во Тетово и која по комплетирањето на инвестицискиот циклус треба да вработи најмалку 2.000 луѓе, што претставува егзистенција, сигурност и можност за планирање на иднината на 2.000 семејства од полошкиот регион, вели Груевски.

Тој посочува дека се работи за сериозна корпорација која се вбројува во една од 500-те најголеми на листата на „Форчн”, со повеќе од 130 илјади вработени и над 30 фабрики низ светот.

Првиот контакт со компанијата е остварен во 2013-та година од страна на министерот Веле Самак кој во Германија го посетил нивното европско седиште, а во 2015-та година компанијата донела одлука да инвестира во Македонија во конкуренција со повеќе земји од регионот. 

- Во моментов „Леар“ работи во новоизградената фабрика во зоната во Тетово на површина од 12.000 метри квадратни со можност за експанзија. Во моментов се вработени околу 500 лица, а во наредните два месеца се очекува бројката да прерасне до 800 вработени, комплетниот број на вработени ќе биде 2.000. Отворањето на работни места и придвижувањето на економијата е она што ги решава проблемите на граѓаните и е она кон кое што сме ние најсилно фокусирани. Оваа инвестиција е дотолку значајна што се реализира во време на тешка политичка криза, што само докажува дека ние не се откажуваме од нашето ветување да се бориме за секое ново работно место. Продолжуваме да создаваме и понатаму, заедно со граѓаните, да постигнуваме уште повеќе дела и успеси, пишува Груевски на својот Фејсбук профил. 

„Леар Корпорејшн“ е еден од водечките добавувачи на автомобилски седишта и електрични системи за дистрибуција. „Леар“ ги опслужува сите поголеми производители на автомобили во светот и содржината на „Леар“ може да се најде на повеќе од 350 ознаки на производители на возила. Производите на „Леар“ кои се од светска класа се дизајнирани, проектирани и произведени од разновиден тим кој брои околу 140.000 вработени, распределени во 36 земји. „Леар“ во моментов е рангиран на 154-тото место од листата на „Форчун 500“.  Седиштето на „Леар“ е во Саутфилд, Мичиген, САД.