Бизнис
23. March 2017 - 20:17

Почнува изградбата на штипската обиколница

Стартува еден од најголемите инвестициски проекти на општина Штип, кој првично беше проценет на 57, 7 милиони денари.

Станува збор за изградба на мини обиколница и мост на реката Брегалница кои ќе ги поврзуваат периферните населби на градот со индустриската зона.

По извршената лицитација, цената е намалена за 37 % и истиот ќе се реализира за 36.5 милиони денари или околу 590.000 евра.

- Средствата се инвестиција на општината и се очекува по започнувањето со работите проектот да биде завршен за 6 месеци- изјави Драган Ристов, портпарол на ЛС- Штип

Ваквото решение се наметна само по себе, поради преоптовареност на главната сообраќајница, посебно во утринските и попладневните часови кога работниците одат и се враќаат од работа.

- Мостот ќе биде со должина од 56 метри и широчина 7 метри. Ќе има и пешачки дел од двете страни и ќе биде поврзан со пристапни сообраќајници од по околу 200 метри од двете страни-додаде Ристов.

Градежната фирма која го реализира проектот бара граѓаните да ги отстранат сите времени објекти долж коритото на реката изградени без одобрение, зашто во спротивно тоа ќе го стори општината, а трошоците за отстранување ќе бидат на товар на имателите на објектите.