Македонија
29. May 2017 - 9:01

Почнува Драмскиот аматерски фестивал на Македонија

Тринаесет претстави ќе се натпреваруваат на 53. Драмски аматерски фестивал на Македонија (ДАФ) во Кочани кој ќе се одржува од денеска до 3 јуни. Од нив четири претстави се за деца (пладневни), а гостински се две претстави од Србија.

Селекторот на фестивалот Дарко Спасов на прес-конференција рече дека изборот е направен од 37 пријавени претстави на аматерски театарски групи и драмски секции на училишта од повеќе градови на Македонија и дека годинава доминантен е жанрот комедија.

- Од пријавените претстави над 90 проценти беа комедии, со мали исклучоци, како на пример „Ричард Трети“ на гимназијата „Јосип Броз Тито“. Веројатно комедијата привлекува повеќе публика и сигурен сум дека таа ќе го наполни салонот кога знае дека е комедија, истакна селекторот Спасов за новото издание на фестивалот, за кое извршниот директор на ДАФ Благој Пенов додаде дека градот Кочани е подготвен да ја угости публиката. 

Фестивалот вечер во Центарот за култура „Бели мугри“ ќе го отвори Велики театар од Јагодина, Србија, со претставата „На морската шир“ од Славомир Мрожек. Гостинска претстава е и „Вечера на будалите“ на Френсис Вебер на КУД „Бранко Радичевиќ“ од Стара Пазова. На 2 јуни ДАФ ќе го затвори „Дисфункција“ на Младинската сцена при Интимен театар-Битола. 

За наградите ќе одлучува тричлено жири во состав: Димче Николовски, режисер, Андреја Голуб, драмски уметник, и Венцо Димитровски, сценограф. 

Покрај претстави, во рамки на фестивалот ќе има и три промоции на книги - „Македонскиот рис“ од Славе Ѓорго Димоски, претставување на првиот превод на Шекспировиот „Венецијански трговец“ од Тодор Лазаров и „Историска хронологија“ по повод јубилејот на актерот Мите Грозданов, а во чест на наградените ќе биде организиран и ликовен перформанс на Сергеј Андреевски.