Македонија
7. April 2016 - 8:36

Почнува 6. Филозофски филмски фестивал

Со прикажување на филмот „Еден маж и една жена“ на францускиот режисер Клод Лелуш, вечерва, во 19:00 часот, во Кинотеката на Македонија ќе биде отворено шестото издание на Филозофскиот филмски фестивал, 

Во рамки на Главната програма  до 9. април ќе бидат презентирани уште две значајни филмски остварувања, а секоја од проекциите ќе биде придружена со предавања на еминентни познавачи на филозофијата и филмот, по што ќе следи и отворена дискусија на предавачот со публиката.. Првата вечер птредавање ќе одржи проф д-р Денко Скаловски со наслов „Едноставно: еден маж и една жена“.

Вториот ден на фестивалот, во истиот термин ќе биде прикажан турскиот филм „Касаба“ на режисерот Нури Билге Џејлан, а излагање ќе има д-р Дејан Здравков на тема „Чехов во Анадолија – изградба на една поетска фабула“.

Фестивалот ќе финишира на 9-ти април, со проекција на култниот филм „12 гневни луѓе“ на американскиот режисер Сидни Ламет, по кој на тема „Правдата, казната и гневот: како се одлучува за животот и смртта?“ ќе беседи проф. д-р Ана Димишковска. 

- Со вака поставената програма ќе се обидеме да го искористиме потенцијалот на седмата уметност за доближување на автентичните филозофски идеи до публиката и за поттикнување на слободната и креативна критичка мисла, како и за поттикнување на потребата од нејзино споделување, велат организаторите на фестивалот.

Во делот на придружната програма на 6-ти април свечено ќе бидат доделени наградите за најдобар средношколски филозофски есеј на тема „Големиот диктатор: Слободниот човек во неслободното општество“, инспириран од неодамнешната проекција на Чаплиновото ремек-дело „Големиот диктатор“, како и наградите за најдобар едноминутен студентски филм на тема „Слобода“, резултат на претходно организираната студентска работилница наречена „Од идеја до премиера“. Доделувањето на наградите и проекцијата на најдобрите филмови ќе се одржи во Свечената сала на Филозофскиот факултет во Скопје во 18:00 часот.

Во рамки на т.н. „ФФФ караван“, Фестивалот ќе гостува во Прилеп со партнерски настан од едукативен карактер со македонскиот филозофски портал „Акиндин“, потоа со дебатно кино во Битола во соработка со „Контра кадар“ и едукативен настан во сорабoтка со МСУ „Г.Р. Державин“ во Свети Николе.