Македонија
19. October 2017 - 8:59

Почнува 36. Скопски џез-фестивал

Со концерт на Давид Хелбок трио од Австрија и на големиот ансамбл од Норвешка – Трондхејм џез оркестра со Оле Мортен Ваган, вечер во Македонската опера и балет ќе почне 36. Скопски џез-фестивал. Во четирите фестивалски дена се најавени актуелни и врвни имиња во џез-музиката од САД, Европа и Африка. 

- Ексклузивно, за единствен европски концерт од Чикаго доаѓа една од најдобрите џез-пејачки во светот – Ди Александер (20 октомври). Во иста вечер (21 октомври) ќе настапат две легендарни имиња од САД – Марк Рибо со проектот Јанг Филаделфијанс и Стив Колмен со легендарните Фајв елементс, соопшти Скопје џез-фестивал.

Од Норвешка ќе гостува и ансамблот Пал Нилсен-Лав Ларџ Јунит кој ќе настапи на крајот од фестивалот  (22 октомври).  Еден од најдобрите светски џез-пијанисти, Крег Тејборн, ќе настапи со својот квартет, а покрај Давид Хелбок трио, од Австрија ќе гостува и Интерзоне на Марио Ром. 

Најавени се и два полноќни концерта со афро-бит легендите Орландо Џулиус и Хелиоцентрикс и Ентони Џозеф со својата група. Соло-настап ќе има големото име на италијанскиот џез – Роберто Отавиано. 

Во четирите главни вечери (19-22 октомври) концертите ќе се одржат во Македонската опера и балет со почеток во 20 часот. Во втората и третата вечер (20-ти и 21 октомври) полноќните концерти ќе бидат во Дансинг-салата на Младинскиот културен центар. Четвртиот ден ќе  има попладневен концерт во кино „Фросина“ во МКЦ со почеток во 17 часот.

Ќе има и посебна дополнителна програма составена од проекции на два документарни филма и една мултимедијална презентација.

Презентацијата на Ичо Видмар „New Music In New York” и проекцијата на документарниот филм „The Jazz Loft According To W. Eugene Smith“ ќе се одржат во кино „Фросина“ на 21 октомври со почеток во 15 и 16 часот. Проекцијата на филмот „Dixieland” (програма за млади) е во соработка со фестивалоте „Џифони“ и „Македокс“ и ќе се одржи во кино „Фросина“ утре од 12 часот.