Бизнис
14. January 2017 - 16:19

Почнаа подготовките за ставање во функција на ТЕЦ Осломеј

ЕЛЕМ отпочна подготвки за ставање во работа на рударско енергетскиот комбинат Осломеј со цел да го зголеми домашното производство на електрична енергија.

Подружницата на државната компанија во соопштение до јавноста кое го прати околу пладне детално ги наведува подготвителните чекори кои се преземаат за да се стартува електраната.

Проценката е дека за нејзиното ставање во функција ќе бидат потребни околу 12 часа.

Раководството претходно наведе дека деновиве, кога се забележани екстремно ниски температури, конзумот на електрична енергија е за околу30% поголем од вообичаеното.

За потрошувачите на регулираниот пазар ЕЛЕМ периодов испорачал над 20 илјади мегават часови од кои  83 проценти се од домашните капацитети, а 17 отсто се од увоз.

За првите 11 дена од годинава домашното производство е натфрлено за 8,4 проценти во однос на планираното.

Компанијата деновиве се справуваше и со дефект на еден од трите блока во РЕК Битола, но снабдувањето се одвиваше без проблеми за крајните потрошувачи.