Македонија
30. September 2015 - 12:49

Почна снимањето на долгометражниот игран филм „Тајната состојка“

Во депото на Македонски железници во Скопје денеска почна снимањето на долгометражниот игран филм „Тајната состојка“ по сценарио и во режија на Ѓорче Ставрески.

Трагикомичната приказна за еден млад човек кој сака да му помогне на својот татко ќе се снима во следните шест недели на повеќе локации во Скопје - депото на Железница, кампот на езерото Треска, стан во населбата Автокоманда, Луна парк итн.

Главните улоги во филмот ги толкуваат Благој Веселинов и Анастас Тановски. Директор на фотографија е Дејан Димески, сценограф Симо Бранов, костимограф Раде Василев, а композитор Бранислав Николов. Продуценти на филмот се Емилија Чочкова и Ѓорче Ставрески.

Филмот „Тајната состојка“ е во продукција на „Фрагмент филм“ и веќе во фазата на развој освои повеќе домашни и меѓународни награди: номинација за VFF Highlight Pitch Award на филмскиот фестивал во Берлин, EAVE награда на фестивалот во Трст и најдобро сценарио во Скрипт корнер програмата на фестивалот „Браќа Манаки“во Битола. 

„Тајната состојка“е дебитантско долгометражно остварување на Ставрески и е поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија.