Македонија
10. November 2015 - 14:25

Почна прскање со СМА АЛ 25 на централните улици во Тетово за намалување на згадување на воздухот

Општина Тетово од денеска во раните утрински часови почна со прскање на централните градски улици и булевари со СМА АЛ 25 (калциум магнезиум ацетат) со чија редовна и правилна употреба  се очекува намалување на прашината и штетните микрочестички во воздухот и до 30 проценти, информираа од прес-службата на општината.

Во соопштението се наведува дека третирањето на градските улици со овој раствор, кој е еколошки и не е штетен за растенијата, се препорачува за време на поголемо загадување на воздухот и во оптимални и суви временски услови.

Од  општина Тетово посочија дека во рамки на законските надлежности уште во ноември 2014-та година донеле серија краткорочни и долгорочни активности, како и мерки за намалување на загадувањето кои биле спроведувани и лани, а годинава ќе се спроведуваат со зголемен интензитет и решителност. Овие мерки, појаснуваат, подразбирале воспоставување посебен режим на движење за тешките товарни возила чија крајна дестинација не е градот Тетово односно тие да ги користат споредните патишта. Од страна на општинскиот инспекторат ќе се вршат строги контроли околу почитивањето на временскиот период за товар и истовар на стоки во градот Тетово кој е од 19:00 до 08 часот наутро следниот ден, а евентуалното негово непочитување ќе биде предмет на строги парични казни. Зголемен е и бројот на инспекторите за животна средина во склоп на општинскиот инспекторат од 2 на 11 инспектори.Во рамки на овие активности, стои во соопштението, е и бесплатната СОС еколошка линија (0800 44 053), како и веб порталот tetova/e-report преку кои  граѓаните во секое време можат да пријават несовесно однесување на други граѓани или правни лица кои со нивните постапки ја загадуваат околината. 

Општинскиот  инспекторат ќе врши и зачестени контроли во индустриските капацитети се со цел да се утврди дали поседуваат Б еколошка дозвола и дали се придржуваат кон одредени мерки за намалување на штетните влијанија при нивната работа, се вели во соопштението.

Со цел регулирање на собраќајот и негово намалување од  општината најавуваат воведување нов план за еднонасочни улици низ градот додека како долгорочна мерка за справување со загадувањето со претходна одлука на општинскиот Совет веќе се  основани две јавни претпријатија и тоа за градски паркиралишта и за јавен транспорт. Јавното претпријатие за јавни паркиралишта од пред месец и половина го спроведува пилот проектот за зонско паркирање во Тетово  на дел од главните градски булевари „Илинденска“ и „Маршал Тито“ низ централното градско подрачје. Јавното претпријатие за јавен транспорт, информираат од Општина Тетово, е во фаза на подготовка и се очекува негово финализирање и профункциониорање  во скоро време.