Спорт плус
27. March 2017 - 16:36

Почна меѓународниот турнир во таеквондо „Скопје Опен 2017”

 
Рекордни 400 натпреварувачи од вкупно девет земји од регионот ќе се натпреваруваат на четвртиот по ред традиционален меѓународен турнир во Олимписко Таеквондо „Скопје опен 2017”, кој денеска почна во спортската сала на СРЦ „Кале“ во Скопје.
 
Турнирот го прогласи за отворен директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески, кој го искажа задоволството што градот Скопје и Република Македонија се наметнуваат на европската спортска мапа како одлични организатори и домаќини на реномирани меѓународни спортски натпреварувања.
 
- Со рекордниот број натпреварувачи кои се пријавија, овој турнир дефинитивно е најголем, а верувам ќе биде и најквалитетен таеквондо турнир кој досега бил организиран кај нас. Особено ме радува фактот што на овој турнир учество ќе земат и голем број македонски натпреварувачи, што зборува дека овој спорт во нашата земја високо котира и е практикуван од многу млади луѓе низ целата држава, истакна Спасески.
 
Тој на сите натпреварувачи и стручни тимови, им посака успешен настап и во фер-плеј и во духот на спортот да победат најдобрите.
 
Меѓународниот турнир во таеквондо „Скопје опен 2017” е во организација на Таеквондо клубот „Бутел” и Македонската таеквондо федерација, а има финансиска поддршка и од Агенцијата за млади и спорт.