01.08.2014 - 13:50 |
Последна промена пред 7 мин 29 сек

Почна изборната кампања

Изборната кампања за претстојните локални избори почнува денеска и ќе трае до 22 март на полноќ. Изборите, што се закажани за 24 март, ќе се одржат во 80 општини и Градот Скопје.

По постигнувањето на политичкиот договор и прекинувањето на бојкотот од опозицијата, во саботата Собранието го продолжи рокот за доставување кандидатски листи за советници и градоначалници до 8 март на полноќ.  

Колкава ќе биде вкупната бројка на учесници на овие локални избори се очекува да се знае откако ќе заврши овој рок, кој вторпат се продолжува.

Се очекува ДИК повторно да направи измени на роковникот, а исто така по потврдувањето на листите треба да се изврши жребување меѓу новопријавените кандидати. Според најавите од ДИК по првото продолжување на рокот кој беше до 3 март на полноќ, редните броеви на кандидатите кои доставија листи во законски предвидениот термин односно до 16 февруари остануваат исти, а единствената листа на кандидати ќе биде дополнета само со новопријавените кандидати.

Кандидатурите, според законот, треба да ги разгледа и Комисијата за верификација на фактите која треба да изврши проверка дали кандидатите за советници или градоначалници соработувале со тајните служби.  

Имајќи предвид дека изборната кампања почнува денеска партиите веќе ги имаат закажано првите митинзи. Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ вечер ќе одржи митинг во Охрид, додека најголемата опозициска партија СДСМ во Струмица. Партиски активности и конвенции имаат најавено и другите учесници на изборите.  

Во избирачкиот список за гласање на локалните избори се запишани вкупно 1.743.403 избирачи.

За Советот на Град Скопје и за градоначалник на Град Скопје своето право на глас можат да го искористат 443.770 избирачи на 536 избирачки места.

Од вкупно запишаните избирачи, своето право на глас во казнено-поправните домови ќе го остварат 1.446 избирачи, а надвор од местото на живеење 136 избирачи со статус на внатрешно раселени лица.

Избирачот кој не е во можност да гласа на гласачкото место, односно немоќно или болно лице кое сака да го искористи правото на глас за тоа треба да ја извести ОИК најдоцна три дена пред денот определен за гласање, односно до 20 март. Истиот рок се однесува и на избирачите кои на денот на гласањето се наоѓаат на издржување мерка куќен притвор. Болните и немоќните лица, лицата кои издржуваат казна затвор или се во притвор, лицата кои се наоѓаат на издржување мерка куќен притвор и внатрешно раселените лица гласаат еден ден пред изборите, односно од 7 до 19 часот на 23 март.

ДИК изборниот материјал го предава на општинските изборни комисии во рок од 72 часа пред денот определен за одржување на изборите, односно најдоцна до полноќ на 20 март. ОИК, пак, е должна еден ден пред изборите да го предаде изборниот материјал на избирачките одбори, односно најдоцна до полноќ на 23 март. Најдоцна 10 дена пред денот на гласањето, односно до полноќ на 13 март организациите и лицата кои сакаат да ги набљудуваат изборите доставуваат барање до ДИК.

Резултати од испитувањата на јавното мислење поврзани со учесниците во изборниот процес се објавуваат најдоцна пет дена пред денот определен за одржување на изборите, односно до полноќ на 18 март.

Организаторот на изборната кампања е должен 11-иот ден од денот на изборната кампања да поднесе финансиски извештај за приходите и расходите на жиро-сметката за изборна кампања од денот на нејзиното отворање до крајот на 10-иот ден на изборната кампања. Финансиски извештај организаторот на кампањата е должен да поднесе и еден ден по завршувањето на кампањата и тоа на образец пропишан од министерот за финансии до ДИК, Државниот завод за ревизија и до Државната комисија за спречување корупција, кои се должни да ги објават на своите веб-страници. 

Македонија