Македонија
14. July 2016 - 11:22

Почна Фестивалот на дувачките оркестри Пехчево 2016

Со традиционалното дефиле на мажоретки, ревијален настап на дувачки оркестри од Бугарија и Србија и со концертот на Миле Кузмановски, синоќа започна Фестивалот на дувачките оркестри Пехчево 2016 што го проследија илјадници гости од земјава и од соседството.
 
Градоначалникот на Пехчево, Игор Поповски, кој го отвори фестивалот истакна дека е задоволен што Пехчево успеа и оваа година да го организира фестивалот со кој се продолжи малешевската традиција на дувачките оркестри.
 
- Фестивал за кој мислам дека оваа вечер сме најмногу подготвени, дигнитетот на фетсивалот оваа година очекуваме да биде многу поголем, имаме многу познати имиња од естрадата. Овој фестивал го оргнаизираме на Павловден, бидјеќи ние со векови го прославуваме како празник на градот. Фестивалот и традицијата на трубите ја пакуваме како туристичка понуда , а туризмот ни е економски двигател на овој регион, рече Поповски.
 
Поповски додаде дека интересот за настап на групи од соседството е голем.
 
- Имавме голем интерес од дувачки оркестри од Србија, Бугарија, се јавуваа и од Албанија и Грција. Тоа сето ни дава за право да рзамислиме за воведување измени во досегашната структура и да воведеме меѓународна натпреварувачка вечер на кој ќе ја одмерат виртузоноста, трубачите од целиот Балкан, рече Поповски.
 
Годинава за златната труба на Пехчево се натпреваруваат шест дувачки оркестри од земјава. Музиката од дувачките оркестри и концертите на балканските ѕвезди Рајна и Саша Ковачевиќ најавени за петок и сабота се очекува да ја донесат кулминацијата на фестивалските денови.
 
Фестивалот е подржан од спонзори и од Министерството за култура.
 
Инаку, во рамки на фестивалот в сабота се организира и планинарски марш „Буковиќ 2016“ со маршута од Пехчево-Буковиќ- Врв Кадиица, а ќе се посети и локалитетот на раритетното растение, DROSERA ROTUNDIFOLIA, односно инсектојадното растение.  На овој марш најавено е учество на 150 планинари од Македонија, Србија и Бугарија.