Џет-Сет
17. July 2017 - 9:50

Почина познатиот американски актер

Американскиот актер Мартин Ландау, добитник на „Оскар" за споредна машка улога во филмот „Ед Вуд“, почина на 89-годишна возраст во болница во Лос Анџелес по „неочекувани компликации", соопшти неговиот портпарол.

Засега не се прецизира какви точно здравствени проблеми имал глумецот, инаку роден њујорчанец.

Ландау го доби „Оскарот" за филмот „Ед Вуд“ од 1994., за толкувањето на ликот на Бела Лугоши, глумец со унгарско потекло, кој глумеше во низа хорор филмови, меѓу кои и „Грофот Дракула“.

Првите повпечатливи улоги, Ландау ги имаше во ТВ сериите „Недопирливите“ и „Невозможна мисија“, за која доби два „Златни глобуса". Тој има и своја ѕвезда на Булеварот на славните во Холивуд. 

Тој ја одбил ролјата на Спок во култната „Ѕвездени патеки", што можеше да му донесе уште поголема слава.

- Толкувањето „лик без емоции“ би ме полудело. Ќе требаше да ми направат лоботомија, прокоментира Ландау во една прилика по тој повод.

Тој има вкупно три номинации за „Оскар“ - за филмот на Франсис Форд Копола од 1988, „Сонот на Такер", за „Злосторства и престапи“ на Вуди Ален (1989) и за „Ед Вуд“ за кој и ја доби најпрестижната златна статуетка.

Ландау беше оженет за актерката Барбара Бејн, со која имаа две ќерки.