Македонија
2. July 2016 - 16:04

Почина 4 годишниот Алмир кој беше прегазен по банална расправија за предност во болничката амбуланта во Куманово

Четиригодишниот Алмир од Куманово,  кој минатата сабота заедно со своите родители намерно беше прегазен пред Здравствениот дом, синоќа почина на Карил во Скопје.

Детето настрада поради банална расправија на неговите родители со еден кумановец.

Тоа една недела беше на апарати на Детската клиника, но поради сериозноста на повредите било префрлено на Карил. Според надлежните детето имало повреди на двете нозе, градниот кош и по целото тело.  

На возачот на мерцедесот му е одреден 30-дневен притвор и е покренато обвинение за убиство во обид, кое најверојатно ќе биде преквалификувано.

Несреќата се случи минатата сабота околу 22 часот и 30 минути, кога родителите на Алмир влегле во кратка расправија со еден кумановец, чекајќи ред пред ординација. Имено тие одлучиле да пуштат друг човек пред нив, бидејќи процениле дека станува збор за поитен случај.

Одлуката предизвикала револт кај кумановецот и настанала кавга.  Кога тргнале дома, на улицата настанала физичка пресметка помеѓу роднини на двете семејства, по што сега веќе притворениот со својот автомобил удрил во родителите и детето.

Таткото на детето бил пренесен во кумановскиот Медицински центар, а неговата сопруга и детето како итен случај со возило на Брза помош биле пренесени на Детска хирургија.

Веднаш по инцидентот во Куманово состанок одржа советот за превенција, на кој присуствуваа градоначалникот, пратеници, советници претставници на МВР и невладини организации.

Тие го осудија немилиот настанот и апелираа до граѓаните да остават надлежните органи да го казнат виновникот.