Свет
24. January 2017 - 14:56

ОН побара дополнителни 4,6 милијарди долари за сириските бегалци во соседните земји на Сирија

ОН ги повикаа земјите донатори на Сирија да обезбедат дополнителни над 4,6 милијарди долари за помош на сириските бегалци во соседните земји, пренесува БТА.

- Сириските бегалци и регионите кои ги прифаќаат, повеќе од кога и да е имаат потреба од нашата поддршка, изјави Филипо Гранде, високиот комесар на ОН за бегалци, на меѓународна конференција за Сирија која се одржува денеска во Хелсинки.

ОН и околу 240 партнери (земји-донатори, невладини организации и меѓународни институции) официјално го претставија Планот за регионална помош за бегалците. Тој ќе биде во сила во 2017 година и 2018 година. Планот подразбира финансирање и организирање на меѓународна помош за 4,7-те милиони бегалци од Сирија, кои сега се во Турција, Либан, Јордан, Ирак и Египет. Оваа помош е наменета за регионите кои ги примаат бегалците.

Покрај дополнителните над 4,6 милијарди долари за помош на овие бегалци и на нивните домаќини, ОН смета дека се неопходни и 3,4 милијарди долари за оваа година за хуманитарна помош за 13,5-те милиони Сиријци кои останале во земјата. Тие честопати се наоѓаат под опсада во населени места и се лишени од храна, домување, грижа и пристап до образование.

- Страдањето на сирискиот народ не се намалува. Императив е ние да ги забрзаме нашите колективни напори за 13,5-те милиони мажи, жени и деца кои останале во Сирија, а кои имаат итна потреба од хуманитарна помош и заштита, изјави на конференцијата раководителот на хуманитарните операции на ОН Стивен О'Брајан.