Македонија
26. May 2017 - 16:58

По врнежите нивото на реките не е критично, но во струмичко регистрирани поплави

После силниот и пороен дожд кој вчера доцна попладне ја зафати Струмица состојбата денеска е стабилна, а водата е целосно повлечена. Од големите количини вода најпогодени беа подземната гаража под градскиот плоштад , пониските делови на градот и неколку улици кои скоро при секој пороен дожд се соочуваат со овој проблем.  Поплавени домови нема, но надојдената вода зафатила дел од дворовите и подрумските простории на дел од граѓаните.

Од јавното комунлано претпријатие Комуналец информираа дека нивни екипи биле на терен уште од вчера и интервенирале секаде каде каде што било потребно. Од нив во текот на вчерашниот ден интервенција побарале десет граѓани, а денеска тоа го сториле уште 20. Кај дваесетина домаќинства интервенирала и противпожарната единица.

-Овие обилни врнежи предизвикаа навистина проблеми во долниот дел на градот, но брзо време по престанување на дождот водата се повлече од долниот дел на градот што ни дава сигурност дека канализациониот систем е во функција во целост. Интервенциите најмногу беа за полавени дворови, но сето тоа е во мали димензии, вели Стојан Ефтимов раководител на единицата „Водовод и канализација“ при ЈПКД „Комуналец“

Струмица вчера беше град со најголеми врнежи од дожд во целата држава. За околу 12 часа во овој регион наврнаа 71 литар дожд на метар квадратен.