Бизнис
7. September 2016 - 19:44

По пираните, бројот на риболовни дозволи за Дојранско езеро пораснал за 200%

Десет дена по објавувањето на веста за уловени пирани во Дојранското езеро нема регистрирано нови случаи на невообичаени риби  во водите на езерото.

Концесионерот на езерото вели дека состојбата се следи денононоќно,  мрежи секојдневно се поставуваат низ целото езеро, но досега нема улов на риба која што не е автохтона за ова поднебје. 

Нови примероци на пирани нема, но концесионерот вели дека веста за нивното присуство го зголемила интересот од страна на спортските риболовци. Послените десетина дена бројот на дневи дозволи за рекреативен  риболов се зголемил за околу 200%.

- Може да се каже дека интересот за дневни дозволи е зголемен за 200%  во однос на истиот период лани. Кога рибарите ја слушнаа шпекулацијата дека  веќе има пирани во Дојран бројот на издадени дозволи се зголеми во споредба со минатите години. Сите сакаат да ја фатат оваа необична риба и да се уверат самите во тоа дали постои или не постои. Веќе што и да се објави за Дојран ништо неможе да му наштети бидејќи се гледа дека работите се наместени, вели Илчо Парчев – концесионер на Дојранско езеро

Рибарите рекреативци кои секојдневно се на брегот на дојранското езеро велат дека без страв доаѓаат на риболов, чекаат да уловат некоја невообичаена риба,  но на крај денот го завршуваат единствено со рибите карактеристични за дојранското езеро.

-На трска рибар нема извадено такво чудо или некој да е каснат, па во болница,  па што јас знам. Моментално може  да кажам дека има риба црвеноперка, кострег, крап, сом, вели Никола Тимев - риболовец.

Веста за пирани во Дојранското езеро беше објавена пред десетина дена откако рибари се пожалиле дека биле каснати од опасната риба. Двата примерока веднаш беа испратени во надлежните институции на испитување по што  беше констатирано дека се работи аквариумски  риби кои не се опасни за луѓето, а со генетското истражување ќе се знае и точно за кој вид на риба се работи.