Македонија
11. April 2017 - 16:21

По филмскиот грабеж во Тутунска банка, осомничениот е приведен, парите ги нема

Кражба на векот во централата на Тутунска банка. Вработен во трезорот  ја олеснил банката за 3 милиони евра.

40-годишен скопјанец е осомничен дека по  завршување на работното време од сефот на банката ги  украл  парите.

Банкарите воопшто не се ни посомневале дека токму нивниот колега би можел да изврши една ваква филмска кражба.

–Од МВР велат кражбата ја пријавил директорот на трезорот во 16 часот и 58 минути. Според првичните информации осомничениот во кеса изнел од банката 2 милиони франци и 270 000 евра.

Од полицијата информираат дека истиот е приведен по неколку часа.

Лицето е приведено во станицата во Кисела Вода каде е извшрен распит, но од МВР не откриваат детали дали кај него се најдени украдените пари и кои биле мотивите за кражбата. Не откриваат ниту дали осомничениот соработувал со други лица.

Од управниот одбор на банката соопштија дека ги презеле сите мерки за осигурување на своите редовни активности. Претседателот на управниот одбор Антонио Аргир во писмената изјава за медиумите смирува,клиентите се безбедни инцидентот не влијае на секојдневното работење на банката.

-Она што е најважно е да ве информирам и ве уверам дека сите наши клиенти и колегите вработени на нашата банка се сигурни. Сите средства на нашите клиенти се апсолутно безбедни и клиентите не треба воопшто да се загрижени. Банката ги има преземено сите мерки за осигурување на своите редовни активности, објасни Антонио Аргир, претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка АД Скопје.

Од банката велат соработуваат со надлежните и се надеваат на брз и позитивен исход . Повеќе информации за целиот случај и за вработениот не откриваат во интерес на истрагата.

Детали од МВР се најавени за утре.