Свет
24. November 2017 - 8:37

По драматичниот пребег, казни за севернокорејските војници, награди за јужнокорејските

Армијата на Северна Кореја ги смени сите граничари од делот на границата со Јужна Кореја каде минатата недела еден нејзин војник успеа драматично да побегне.

Снимките од инцидентот покажаа како војникот со џип стигнува колку што може поблиску до јужнокорејскиот дел од границата и потоа трча на југ, додека неколку севернокорејски војници пукаат по него.

Американски и јужнокорејски војници го заштитиле пребегнатиот војник и му укажале лекарска помош поради тешките повреди, кои ги претрпе од истрелите на севернокорејските војници. Тој е во болница во стабилна состојба, а војниците на Јужна Кореја и на САД биле одликувани за помошта што му ја укажале.

Од другата страна на границата, севернокорејската армија дополнително ја утврдила границата кај селото Панџунмон. Се работи за село во кое во 1953 година бил потпишан договорот за прекин на огнот меѓу двете Кореи, каде често пати се одржуваат преговори и политички состаноци меѓу двете земји.

Границата меѓу Северна и Јужна Кореја е една од најутврдените граници во светот, со голема концентрација на сили од двете страни.