Македонија
22. May 2017 - 20:19

По 73 години македонската Филхармонија доби современ објект

Најстарата институција од областа на музичко-сценската дејност во нашата земја, Македонската Филхармонија, по 73 години од своето постоење доби нов современ објект, изграден по сите светски стандарди. Грандиозната градба беше отворена со гала концерт на оркестарот на Филхармонијата, предводен од еден од најпознатите и најбараните диригенти на сите времиња, маестро Владимир Ашкенази од Русија.

Во првиот дел свој солистички настап имаше нашиот светски етаблиран пијанист Симон Трпчевски, со изведба на дела од Трајко Прокопиев и Сергеј Прокофјев.

Под водство на маестро Ашкенази, Македонската Филхармонија се претстави со дело од Петар Илич Чајковски. 

Благодарение на овој објект, во иднина, во Македонија музиката ќе се создава и ќе се восприема во истиот амбиент како и во концертните сали ширум Европа и светот, посочи министерката за култура Елизабета Канческа Милевска.

Новиот објект на Македонската филхармонија се протега на површина од 12.400 метри квадратни и располага со две сали. Големата сала е со капацитет 1.000 места, а малата, повеќенаменска сала која може да собере 310 гости.