Македонија
21. October 2017 - 16:31

По 5 децении фрескоживописот во манастирот Богородица Елеуса во Вељуса повторно се реставрира и конзервира

После пет децении фрескоживописот во манастирот ,, Воведение на Пресвета Богородица Елеуса,, во Вељуса повторно се реставрира и конзервира.

Целиот процес ќе биде реализиран во неколку фази. Со првата фаза која веќе интензивно тече опфатена е куполата на манаситот и фрескоживописот од единаесетиот век.

Од тимот кој работи на реставрацијата велат дека фрескоживописот во манастирот кој зазема едно од најзначајните места во црковната и културната историја на Македонија е во добра состојба и покрај тоа што поминале педесет години од последните интервенции.

-Во оваа фаза работиме во куполата, од 11 век е овој живопис каде што се претставени Богородица, Исус Христос пантократор во темето на куполата, Богородица со Јован Претеча и шесте пророци. Како што реков тоа е живопис од 11 век, а живописот од 12 век е во тремот на црквата и во долните зони на наосот е живописот од 19 век, вели Богдан Таневски – раководител на проектот

Реставраторко конзерваторските активности се дел од годишната програма на стрмичкиот завод и музеј финасирана од страна на министерството за култура. Од таму најавуваат дека паралелно со овие активности веќе тече изработката и на проект за конзервација и реставрација на надворешниот дел од црквата.

- Континуирано течат работите на манастирот во Вељуса. Ги следиме сите потреби каде што треба да се преземат интервенции веднаш завод и музеј реагира, бара средства, а државата никогаш не откажува. Значи си ги наоѓаме средствата преку буџетот, а морам да спомнам дека и МПЦ ни излегува во пресрет, вели Василка Георгиева – директор на завод и музеј Струмица

Манастирот во Вељуса постои од 1080 година кога тивериополскиот епископ Мануил подигнал црква која ја посветил на Богородица. Оваа црква е единствената од единаесетиот век во државата која е целосно сочувана без никакви доградби. Во земјата постојат и постари цркви од неа, но сите тие во одреден период биле урнати, а потоа доградувани.