Балкан
18. January 2017 - 11:21

Плевнелиев: На меѓународен план водев конзистентна политика за активно и достојно членство на Бугарија во ЕУ и НАТО

На меѓународен план водев конзистентна и категорична политика за активно и достојно членство на Бугарија во ЕУ и НАТО, изјави бугарскиот претседател Росен Плевнелиев на прес-конференцијата со потпретседателот Маргарита Попова, по повод крајот на нивниот мандат.

- Како убеден Европеец, уште од почетокот реков јасно - ЕУ за мене не е надворешна политика, туку мое семејство. Така и дејствував во текот на целиот мандат - како претседател, убеден демократ и Европеец, посочи шефот на државата, јави БТА.

- Зазедов принципиелна позиција во поддршка на меѓународниот правен поредок и против нелегалната анексија на Крим од Руската Федерација и иницираните од неа, серија замрзнати конфликти во регионот. Посочив јасно - тоа што сум првиот демократски избран бугарски претседател, кој системски и категорично се спротивставил на руски претседател, во никој случај не ме прави „јастреб“, туку ме прави политичар и граѓанин со став, изјави претседателот Росен Плевнелиев.

Тој додаде дека прави голема разлика помеѓу рускиот народ и рускиот претседател, меѓу Кремљ и Русија.

Плевнелиев истакна дека веќе изјавил оти ја сака Русија, но не ја одобрува политиката водена од рускиот претседател.

- Водев кохерентна политика за наметнување на еднаквоста и владеењето на правото во сите аспекти на нашите односи со Русија. Не штедевме критиките кон рускиот претседател за неговата политика за прераспределување на сферите на влијание, потенцира Плевнелиев.

Денеска е последниот работен ден на Плевнелиев на оваа функција, а утре новоизбраниот претседател на Бугарија Румен Радев ќе положи свечена заклетва пред бугарското Народно собрание, со што официјално ќе го започне својот претседателски мандат.

Заедно со Радев, заклетва ќе положи и новизбраната бугарска потпретседателка Илијана Јотова.

Како што соопшти Прес-службата на бугарскиот Парламент, на инаугуративната церемонија на Радев се поканети претседателот и потпретседателката во заминување Росен Плевнелиев и Маргарита Попова, премиерот во оставка Бојко Борисов и министрите од неговата Влада, како и претставници на други државни институции, на дипломатскиот кор и на верските заедници во Бугарија.  

Радев и Јотова ќе ја положат заклетвата пред Парламентот во присуство на поглаварот на Бугарската православна црква, патријархот Неофит.

По полагањето на заклетвата, Радев ќе го има своето прво обраќање пред Народното собрание во својство на претседател на Бугарија.