Кошарка
10. November 2015 - 8:41

Пипан: Решавачки беше вториот период

Тренерот на МЗТ Скопје Аеродром Алеш Пипан на прес-конференцијата по натпреварот со Црвена звезда рече дека причини за поразот (66:71) има многу, но не треба да се тагува и побара неговите играчи да се фокусираат на следните предизвици. Првиот период заврши нерешено, третиот и четвртиот минимално ги доби МЗТ Скопје, а вториот убедливо Црвена Звезда.

- Имавме голема цел, план и желба да го оствариме можеби невозможното и да го добиеме фаворитот. Тоа не ни успеа, поради неколку причини. Немам што да им забележам на играчите, затоа што го дадоа максимумот. Направивме многу грешки, а доколку сакате триумф против Звезда не можете да изгубите 15 топки, да се промашат толку зицери и да се загуби концентрацијата во клучни моменти на играта. Решавачки се покажа крајот на вториот период кога им дозволивме они да се одлепат на 11 разлика. Потоа некако ги стигнавме и кога требаше да направиме целосен пресврт, направивме грешки кои не смеевме да ги направиме. Не треба да бидеме тажни, момците навистина дадоа се од себе. Треба да се свртиме напред кон мечот со Будуќност во Подгорица, изјави Пипан на прес-конференцијата по натпреварот.

Предводникот на „штрковите“ не сакаше да го коментира судењето кое предизвика многу незадоволство во таборот на аеродромци, а за досудената техничка грешка рече дека се уште не му е јасно зошто ја доби кога тој во дадениот момент само комуницирал со негов играч.

Следен дуел на МЗТ во АБА лигата е со Будуќност во Подгорица на 15 ноември, а веќе в четврток во Јане Сандански е дербито со Работнички.