Македонија
24. January 2017 - 16:48

Петта магнетна резонанца во главниот град – Здравствен дом стартува со процедурата за набавка

Помалку од еден месец пациентите ќе чекаат за снимање на магнетна резонаца на Клиниката за радиологија. Листите на чекање ќе бидат намалени со набавките на нови вакви апарати во други здравствени установи.  Од наредната година, како што вчера најави министерот Никола Тодоров, оваа дијагностичка процедура ќе биде достапна и во Здравствен дом Скопје. Надлежните велат дека клиниките ќе бидат растеретени од гужви а граѓаните ќе ги добиваат услугите поблиску до местото на живеење.

-Секако дека очекуваме растеретување на гужвите. Со претходните апарати ко инабавени во други болници, за околу 20 проценти имавме помалку пациенти и очекуваме и со последната најава за Здравствен дом Скопје да дојде до намалување на листите. Сега се чека од еден до еден и пол месец, вели Надица Митревска, директор на Клиника за радиологија.

За радиолозите, апаратот за магентна резонанца од медицински аспект претставува врв во дијагностиката кој дава детална и најдобра слика на внатрешните органи и ткива. Нема снимање по желба на болните како што имаше случаи во минатото. Сега одат оние за кои постои индикација и со упат од специјалист. Во споредба со некои земји во сосоедството, листите на чекање во Македонија воопшто не се проблем за пациентите.

-Може да се каже дека сме многу добри во овој поглед имајќи ги во предвид податоците кои ги имаме од земји во соседството. Последната информација која ја имам е дека во Белград во Клиничкиот центар чекаат и една година за снимање на МР, вели др. Митревска

Минатата година на Радиологија имале 10 000 снимања на магнетна резонанца. Според најавите оваа установа треба да добие уште еден ваков апарат.