Македонија
17. January 2017 - 16:52

Петнаесетина мигранти од Прифатниот центар во Гевгелија се вратиле во Грција

Неколку фамилии со вкупно 15 мигранти, самостојно го напуштиле прифатниот транзитен центар „Винојуг“ во Гевгелија и се вратиле во Грција.

Според активисти на меѓународната организација за мигранти од гевгелискиот камп, тие веројатно ќе се обидат на друг начин да стигнат до нивните одредишта.

Во моментов, во центарот престојуваат уште 67 мигранти, сместени во затоплени контејнери. Тие се во добра здравствена состојба, редовно добиваат храна и облека непходна за овој период од годината, соопштуваат од регионалниот ЦУК. 

Тоа што е повпечатливо е дека на котата 59 нема мигранти.

Граничната полиција соопшти дека ситуацијата е мирна, а во изминатото деноноќие нема евидентирано мигранти кои нелегално влегле во Република Македонија.

Но, одлуката на словенечките власти, што се очекува деновиве да помине во тамошниот Парламент, предизвика реакции на Советот на Европа, бидејќи според измените во законот за странци, полицијата на самата граница ќе има право да ги одбива потенцијалните азиланти, а мигрантите што ќе бидат фатени како нелегално престојуваат на нејзина територија експресно ќе бидат депортирани во земјата од која преминале на словенечко тло.

Според експертите словенечката одлука се очекува да предизвика домино ефект. Како што беше случајот со затворањето на границите од балканската рута, аналитичарите велат дека слични законски измени ќе следат и во Хрватска, Србија, Македонија и на крајот Грција, односно долж земјите од балканската рута, што ќе биде дополнителен проблем за бегалците и меѓународните организации што се грижат за нивните права.