Бизнис
7. December 2017 - 13:40

Петнаесет Ромки вработени преку проект за социјално претприемништво

Петнаесет Ромки  поминаа обука и се вработија во социјалното претпријатие  за професионална грижа на стари лица  во домашни услови „Нега плус“, отворено преку проектот за зајакнување на Ромките во општеството, спроведен со финансии од Европската унија.

- Поддржавме 15 Ромки на кои им овозможивме да ги развиваат своите работни вештини, потоа да се вработат и конечно да ја остварат својата економска независност. Сите тие и се надевам  и многу други во иднина ќе имаат можност да се вработуваат и да заработуваат, рече денеска на прес-конференција Драгана Каревска Чемерска, програмски раководител на  Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА, која е носител на проектот.

Каревска Чемерска истакна дека со партнерските организации од кои е дел француската групација СОС осмислиле алтернативни безбедни форми за остварување приходи водени од потенцијалот  на социјалното претприемништво како иновативен модел за промоција на социјалната  инклузија, ресоцијализацијата и  вработувањето на ранливите групи граѓани.

Во тек на проектот се работело и на надградба на капацитетите на  граѓанските организации кои сакаат да отворат  социјални бизниси. Изготвена е и Предлог програма за развој на социјално претпримеништво  на општина Центар за 2018 година, како и Стратегија за финансиски механизми за  социјални претпријатија кои постојат во Македонија.