Македонија
14. November 2016 - 16:12

Петер Сијарто: Унгарија ќе се бори во Европската Арена за покренување на преговорите за членство на Македонија во ЕУ

Шефот на унгарската дипломатија денеска од Брисел упати силна поддршка на македонските евро-атлантски интеграции, најавувајќи дека Унгарија ќе се бори во европската арена за покренување на преговорите за членство на земјата во Европската унија. Исто така, Петер Сијарто посочи дека за претстојните парламентарни избори во Република Македонија, како Унгарија, така и голем број на земји-членки на Европската унија очекуваат дека македонскиот народ ќе му даде поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, како според него партија со јасно изразена проевропска и проатлантска ориентација.

- Ние се восхитуваме на ефикасноста на македонската Влада и на македонскиот народ. Македонија се развива многу рапидно и вашите постигнувањата и изведбите во однос не европската интеграција на се нешто што Унгарија многу го цени и почитува. Ако зависеше само од нас, пристапните преговори досега веќе ќе беа започнати со Македонија. Со оглед на тоа што ние сме соседска земја на регионот на Западниот Балкан, ние знаеме дека тензиите во овој регион ќе бидат најбрзо надминати само со интеграција во ЕУ. А, вие тоа го заслужувате и ние ќе се бориме во европската арена за покренување на преговорите за членство на Македонија - дециден е Сијарто.

Министерот за надворешни работи на Унгарија, исто така, посочи дека за Будимпешта, но и за голем број други членки на Еворпската унија, многу е јасна желбата и очекувањата од претстојните парламентарни избори во Република Македонија, што ќе се одржат на 11 декември.

- Што се однесува до изборите во земјата, со голема радост можам да кажам дека ги поддржувам политичките сили што се за проевропска и проатлантска интеграција. ВМРО-ДПМНЕ е токму таква партија и ние се надеваме, не само како унгарска Влада, туку и исто така и како владејачка партија во Унгарија, дека Македонија ќе гласа за продожување на европскиот и трансатлантски пат. Тоа е еднакво на она за што се залага ВМРО - посочи Сијарто.