Македонија
2. January 2017 - 16:54

Петардите причина број еден за посетите во Ургентниот центар на првиот ден од Новата година

Млад кумановец со тешка повреда  од петарда, вчера бил хоспитализиран на Клиниката за пластична хирургија. Завршил во операциона сала  со интервенција на раката.  На новогодишната ноќ, како последица од користење на пиротехнички средства, без два прста е и 33 годишен скопјанец.  Со полесни повреди од петарди во болничките билтени биле регистрирани уште десетина лица кои по амбулантските интервенции заминале дома. Вчера и министерот за здравство Никола Тодоров укажа на фактот дека и покрај намалување на останатите ургетни состојби карактеристични за новогодишните прослави, како црна статистика се уште се провлекуваат повредените од пиротехника. Од скопската брза помош велат дека  во првиот ден од новата година немаат вакви интервенции. Имале помалку работа, со исклучок на шестмина скопјани кои претерале со алкохол. Двајца од нив завршиле на Токсикологија.

- Немавме многу повици, мирен ден. 6 алкохолни труења каде кај четвроциа интервениравме на лице место. Нема малолетници меѓу нив, вели Марија Анастасова од Брза Помош – Скопје.

За разлика од минатогодишните новогодишни прослави, годинава најмногу доминираат болните од грип и респираторни инфекции.  Лекарите во дежурните пунктови имале полни раце работа. Во поликлиниката во Ѓорче вчера завршиле со 250 прегледи а во Ѓорче за 5 часа прегледале 150 пациенти.

- Од извештаите што ги гледам има 100 постотна искористеност. Матичните не работат и има многу работа. Препорака е да се внимава да не се излегува надвор сега кога е многу ладно, многу топли пијалоци, чаеви а хронично болните да ја земаат терапијата, вели др. Анастасова

Покрај препораките за заштита од грипот и настинките, лекарите советуваат во овие празнични денови да се внимава и со мрсната храна и алкохолот, со кои ако претерате сигурно ќе завршите на Токсикологија