Свет
17. February 2017 - 11:28

Пентагон: Врз џихадистите во Сирија двапати употребени бомби со осиромашен ураниум

САД, во 2015 година, во операциите врз групата Исламска држава, на двапати употребиле бомби со осиромашен ураниум, соопшти Пентагон, а пренесоа француските медиуми.

Бомбите со осиромашен ураниум се муниција со која се гаѓа врз утврдени одбранбени објекти и фортификациски инсталации. Нивната употреба е  критикувана заради ризиците по здравјето на војниците кои ракуваат со нив и населението во бомбардираните зони.

Според Програмата на ОН за животна средина, осиромашениот ураниум е „тежок метал, хемиски и радиолошки загадувач“, што задржува „приближно 60 отсто од радиоактивноста на природниот ураниум“.

Според Пентагон, бомбите со осиромашен ураниум биле двапати користени - на 16 и на 22 ноември 2015 година, во бомбардирањето на колоните со камиони цистерни на ИД во Сирија. Тогаш беа уништени стотици камиони.

Според мајор Џош Џак, портпарол на американската воена команда за Блискиот исток, во овие две операции биле употребени 5.265 30-милиметарски гранати со осиромашен ураниум. Истрелани биле од напаѓачките авиони „А-10“ заедно со напалм бомби. Оваа комбинација „беше избрана со цел да се зголеми веројатноста од уништување на дотокот од камиони“, прецизира тој.

-Доколку се појави потреба САД повторно можат да употребат таква муниција врз џихадистите, посочи портпаролот.