Фудбал
25. February 2017 - 16:49

Пелистер со гол во последната минута ја победи Брегалница

 
Екипата на Пелистер забележа победа против Брегалница со 2:1 во воведниот натпревар од 20.коло во Првата македонска фудбалска лига. 
 
На средбата одиграна попладнево на стадионот „Атина Бојаџи“ во Охрид, стрелец на голот на битолската екипа беше Баже Илиоски во 5.минута. Иако Брегалница од 3.минута остана со играч помалку откако голманот Матија Кобетиќ заработи црвен картон, сепак во 58.минута со голот на Александар Далчески успеа да израмни на 1:1. 
 
Кога сите очекуваа крај на натпреварот, во последната минута (90) Фернандо Силва Дос Сантош го постигна вториот гол на битолчани поставувајќи ги и конечните Пелистер – Брегалница 2:1. 
 
Со новите три бода, Пелистер се проби на 3.место на табелата со два бода повеќе од Работнички кој утре игра против Шкупи на гостински терен. 
 
Покрај овој натпревар утре ќе се играат и другите три средби: Ренова - Македонија ЃП, Силекс – Победа и дербито Вардар – Шкендија. 
 
Сите средби ќе започнат во терминот од 14 часот. 
 
Табела: Вардар 44 бодови, Шкендија 40, Пелистер 33, Работнички 31, Ренова 26, Силекс 24, Победа 16, Шкупи 16, Македонија ЃП 15, Брегалница 11.