Македонија
6. April 2016 - 11:48

Пехчево се подготвува за традиционалниот Фестивал на дувачки оркестри

Пехчево започна со подготовките на шестото издание на Фествалот на дувачки оркестри, кој традиционално се одржува на верскиот празник Павловден, празник на Општина Пехчево.
 
Според информацијата на Елица Јочевска од Општина Пехчево, фестивалот годинава ќе се одржува во периодот од  13 до 16  јули.
 
- Денеска го дефиниравме датумот, фестивалот и оваа година ќе има 4 фестивалски денови. Интерес кај дувачките оркестри има многу, како од регионот, така и пошироко од Македонија, но секако и од соседните земји, Србија и Бугарија. Исто така, на фестивалот ќе настапат и познати естрадни уметници, но нивните имиња ќе ги објавиме дополнително, рече Јочевска.
 
Фестивалот на трубите во Пехчево е единствен фестивал во земјава каде имаат можност да ја  покажат  својата виртуозност инструменталистите на дувачките инструменти. Во таа смисла, годинава Фестивалот има првпат и финансиска поддршка и од Министерството за култура.
 
Фестивалот се одржува со поддршка на спонзори и пријатели на Општина Пехчево, истакна градоначалникот Игор Поповски, кој и овој пат го потенцираше значењето на фестивалот како дел од туристичката понуда на оваа малешевска општина .
 
- Овој дел на Малешевијата изобилува со убавини. Тука е недопрената природа на Малешевските планини, водопадите на изворите на Брегалница и многу други нешта кои ги сакаат туристите. Со Фестивалот сакаме да им понудиме на туристите и на жителите од регионот забава во летните ноќи, а трубите се препознатлив белег на Малешевијата. Исто така имајќи предвид колку гости го посетат Пехчево, ова е значаен придонес за локалната економија, рече Поповски.
 
Само минатата година, фестивалските денови донеле 35 илјади гости, а на сцената на градскиот плоштад настапиле 600 учесници. Паралелно со фестивалот и годинава ќе се одржува саемот за традиционални изработки и храна под името „Пехчевски Павловден“ кој претставува промоција на традицијата од овој крај.
 
Инаку, трубите се стара традиција во Малешевијата. Општината пред 10- ина година направила прв обид за установување на овој фестивал, но поради финансиски потешкотии фестивалот бил прекинат. Започнувајќи од 2010 година до денес,  Пехчево пишува нова историја на трубачката традиција и го гради фестивалот кој стана препознатлив белег на оваа општина. Вештината на инструменталистите ја проценува жири-комисија составена од врвни музички педагози од земјава, а Оштината и годинава  доделува награди, за најдобрите оркестри, како и и за најдобриот инструменталист на фестивалот.Наградите се златна и сребрена труба, како и тапан за трето пласираниот оркестар.
 
Минатата година,  златната труба  ја доби оркестарот Чоровци од пехчевското село Црник,  две години со ред  златна труба добиваа оркестарот Џамбо Агушеви, како и Уска - кан од Берово.